Вардар ќе ужива во последните три натпревари, шанса ќе добијат и помладите играчи

494

Европскиот, регионалниот и македонски шампион Вардар, до крајот на годината ќе одигра уште три натпревари, сите во регионалната СЕХА лига. Двапати ќе биде домаќин, а првиот од тие две средби е против Војводина утре, вторник во 17:30 часот.

„Црвено-црните“ се лидери во регионалното натпреварување со 8 победи по ред, односно вкупно 14 сезонава во СЕХА лигата. Ова е последниот меч од првиот дел на СЕХА лигата, во конкуренција на 10 екипи.

Тренерот на Вардар, Раул Гонзалез порача дека ќе уживаат во натпреварот и дека ќе им даде шанса на помладите играчи.

„Ние завршивме со обврските во Лигата на шампиони, и останува да се фокусираме на СЕХА лигата. Остануваат уште три натпревари и мислам дека сме во добра ситуација. Први сме, немаме притисок и треба да уживаме и да играме како против Нексе. Очекувам дека и играчите едвај чекаат, бидејќи кога победуваш е полесно. Имаме тренинг и после ќе решиме кој ќе игра. Сигурно дека некои од помладите ќе добијат шанса да играат против Војводина“, изјави „командантот“ Раул.

Мијајло Марсениќ порача дека Вардарци мораат да се однесуваат како шампиони на секој меч, без оглед на ривалот.

„После одличните резултати во ЛШ, сега е време за СЕХА. Ние сме фаворити против Војводина и треба да се однесуваме како шампиони на секој меч, без разлика на ривалот. Треба секој меч да одиме на победа. Се надевам дека од почеток ќе направиме добра разлика за да биде полесно, и да се спремиме за другите натпревари“, заклучи српскиот ракометар од редовите на Вардар.