Вардар против Малме и традицијата: Македонски тим не победил во ЛШ од 2006 година

632

Македонскиот првак Вардар вечерва во Малме го почнува новиот поход во квалификациите за Лигата на шампионите, но фудбалерите имаат големо бреме на своите плеќи.

Не само поради шампионот на Шведска кој нималку не е наивен, туку и поради лошата традиција во елитното фудбалско натпреварување, како на Вардар, така воопшто на македонските клубови.

Откако наши екипи почнаа да играат во квалификациите за Лигата на шампионите во 1997 година, остварени вкупно осум победи на 56 натпревари, не сметајќи ги и двата на Вардар против Порто во 1987 година кога “црвено-црните” настапија како шампиони на СФРЈ. Најуспешни се Вардар и Работнички со по три победи, а Силекс и Слога (денешен Шкупи) имаат по една.

Уште попоразително е тоа што последната победа на македонска екипа во квалификациите за Лигата на шампионите датира од 2006 година, а ја извојува Работнички против Дебрецен на домашен терен со 4-1. „Романтичарите“ се и последни кои успеале да поминат едно квалификациско коло, токму тоа против тогашниот унгарски првак. Кога станува збор за Вардар, “црвено-црните” петти пат во последните шест сезони ќе играат во елитното натпреварување, но последниот триумф им е оној историскиот против ЦСКА во Москва во 2003 година.

На сите им е јасно дека е дојдено времето за пласман во тоа фамозно трето квалификациско коло. Дали Вардар ќе има сили, ќе видиме вечерва и идната среда во Малме и Струмица.