Вардар пак ја среди Шкендија – победи остварија и Академија Пандев и Ренова

346

Составот на Академија Пандев денеска оствари нов триумф во првата сезона во најсилната фудбалска лига, совладувајки го Шкупи со 2:0.

Двоен стрелец на овој натпревар за Пандевци беше Зоран Балдовалиев, еднаш од пенал во 58. минута, и уште еден гол во самиот финиш за потврда на победата за 2:0.

Скопје и Силекс одиграа нерешено (1:1), Ренова со сигурни 3:1 го совлада Работнички, додека Вардар оствари победа против лидерот на табелата, Шкендија, со 4:2.

На дербито на колото, први поведоа Тетовчани преку Жуниор во 27. минута, а Вардар изедначи дури во вториот дел во 55 минута преку Фелипе, кој постигна гол од пенал.

Десетина минути подоцна Ибраими носи ново водство за гостите, за потоа само неколку секунди подоцна, Блажевски да изедначи на 2:2.

Како што се влегуваше во финиш од средбата, Вардар беше екипата која беше поконкретна па набрзо дојде и резултатот. Во 74 минута Фелипе носи водство на Вардар од 3:2, додека конечните 4:2 ги постави Итало во 88. минута од средбата.

По ова коло, Шкендија останува лидер на табелата со 25, Вардар е второпласиран тим со 19 бодови, во негатива од -6 во однос на лидерот.