Вардар „меле“ се пред себе, преслушан и Загреб!

1120

Македонскиот, регионален и европски првак Вардар ја оствари петтата победа во СЕХА лигата откако вечерва без никакви проблеми го совлада Загреб со 30:23.

Не само што оствари убедлива победа, туку и тренерот Раул Гонзалес ја искористи можноста да одмори неколку важни ракометари за продолжението од сезоната каде ќе бидат попотребни. Загреб беше рамноправен противник само во првите 20 минути, во еден момент и водеше со 7:6, но не успеа да издржи. Во следните десет минути Вардар направи серија од 11:3 и уште во првото полувреме го реши прашањето околу победникот.

Во вториот дел Загреб некако се држеше, намали и на четири разлика (21:25), но против Вардар е многу тешко да се игра. Една серија од 5:0 и веќе беше се завршено бидејќи “црвено-црните” поведоа со 30:21 на четири минути пред крајот.

Карачиќ и Дибиров беа најефикасни во нашиот тим со по шест гола, а Борозан додаде пет, но мора да се истакне одличниот Страхиња Милиќ кој оствари 17 одбрани. Кај Загреб, Мандалиниќ постигна осум гола.