Вардар во група со Лазаров, Ристовски и Талески во групата А од Лигата на шампионите

1814

Екипата на Вардар како бранител на трофејот ќе ја започне новата сезона во Лигата на шампионите, откако успеа да го направи најголемиот успех во историјата на македонскиот машки ракомет, но и спорт воопшто.

Вардарци можат да бидат задоволни од резултатот од ждрепката откако се најдоа во групата А, која е за нијанса послаба од групата Б.

Она што е интересно е што во Скопје ќе гостуваат нашите репрезентативци Кире Лазаров, Борко Ристовски и Филип Талески. Барселона е најтешкиот противник во групата, воедно и носител, но за Вардарци Каталонците не се енигма со оглед на тоа дека ги совладаа во полуфиналето од Лигата на шампионите. Незгоден противник се очекува да биде и Нант, новиот клуб на Кире Лазаров кој влегува со големи амбиции во новата сезона, а Филип Талески со својот Рајн Некар Левен секако ќе се бори за највисок пласман во групата.

Што се однесува до останатите ривали, Вардар ќе игра и против Загреб, Висла Плок, Пик Сегед и Кристијанштад.

Пласман во следната рунда од Лигата на шампионите обезбедуваат најдобрите шест екипи од секоја група, а победниците во групата ќе го прескокнат осминафиналето и директно ќе играат во четвртфиналето.

Група А: Барселона, Вардар, Некар Левен, Загреб, Висла Плоцк, Сегед, Кристијанштад, Нант.

Група Б: Веспрем, Кјелце, ПСЖ, Алборг, Мешков Брест , Целје, Фленсбург, Кил.