Вардар без проблеми тече и низ Загреб

213

Вардар конечно успеа да триумфира во Загреб на дуелите против ППД Загреб, победувајќи со 29-23 (15-10) во меч од 7. коло на групната фаза од лигата на шампионите. Ова беше прв триумф на теренот на хрватскиот првак, а шести сезонава, за 51 триумф воопшто во ЛШ.

За „црвено-црните” продолжува добрата серија во ЛШ со 13 натпревари по ред на кои освојуваат бодови. Во меѓусебните дуели во ЛШ, сега Вардар има четири триумфи против ППД Загреб, на 10-те одиграни натпревари. Она што е најважно, Вардар останува лидер на табелата во А групата од лигата на шампионите со 13 бода од седум натпревари.

Кога одбраната е добра, нападот концентриран, а Штербик на ниво, тогаш победата е загарантирана. На мечот во Загреб сите овие предуслови беа исполнети.
Од самиот почеток се виде дека Вардар сериозно ја има сфатено работата, и поучен од лани кога имаше предност во вториот дел а потоа загуби сега не му дозволи на домаќинот ниту да се понадева на нешто. Штербик имаше 13 одбрани во првото полувреме, повеќе од бројот на постигнати голови на противникот. Нападот на Вардар имаше ефикасност од 58 отсто, а одбраната беше на 65 отсто.

За 15 минути Штербик нанижа осум одбрани, а кога Вардар поведе со 10-5, тоа беше најава за доминацијата на европскиот првак. Ништо не ги поремети во намерата да победат, да имаат солидна предност. Играа одлично, и имаа решение на играта „седум на шест” на противникот. Знаеше Раул Гонзалез како да ги распореди силите, па тргна со Рожерио Мораеш на пивотмен, и Криштопанс на бек. Иако не играше Лука Циндриќ, неговиот партнер Игор Карачиќ добро ја организираше играта, имаше и одлични асистенции. Најважно беше да се погоди, и тоа добро одеше. Петте гола предност на полувреме беа одраз на разликата во квалитет.

Во вториот дел брзо Вардар направи и предност од „плус 9″ за водство 24-15, како најава дека ништо нема да препушти на случајноста. Грабеше кон првата победа во Загреб воопшто во нашите меѓусебни дуели во европските купови. На крајот убедлив триумф за зголемување на самодовербата.