Вардарци подготовени за последниот меч во ЛШ годинава: Да не ги разочараме навивачите на крај

214

Екипата на Вардар е подготвена да ја продолжи својата непобедлива серија и со триумф да го заврши и последниот натпревар од Лигата на шампионите за 2017. година, против Кристијанштад во Скопје.

Целта за Вардарци е да ја продолжат непобедливата серија и да ја задржат предноста како лидери на табелата во група и другите екипи.

Вардар има перфектна меѓусебна статистика против Кристијанштад, со оглед дека славел на сите претходни натпревари, а како што потенцираа на прес-конференцијата тренерот Раул Гонзалес и капитенот Стојанче Стоилов, немаат намера да ја разочараат публиката.

„Очекувам тежок натпревар зашто Кристијанштад имаат добри играчи. Знам дека сме во многу добра ситуација, зашто сме прво место во групата до феваруари. На гости против Кристијанштад одигравме многу добар натпревар, тоа се противници кои играат брзо, имаат добар контранапад. Против Пик Сегед одиграа многу добар натпревар, многу брза игра. Очекувам и тука в сабота да биде слично зашто имаат многу добри играчи, со искуство и играат брз контранапад. Утре имаме тренинзи. Не се знае сѐ уште дали ќе играат Хорхе Македа и Рожерио Мораеш”, вели тренерот Раул Гонзалес.

Вардар досега одиграл пет натпревари против Кристијанштад, а на последниот меч на гостински терен славеше со 26:23. Ова е трета сезона по ред како Вардар се среќава со тимот од Шведска во групната фаза. Лани исто така првиот меч го одиграа во Шведска и победи со 28:23, а на вториот натпревар во Скопје Вардар триумфираше со 32:29.

„Во сабота играме навидум лесен натпревар, но Кристијанштад не треба да се потценува. На натпреварот со ПИК Сегед покажаа дека се незгодна, динамична екипа. Ако играме како што знаеме ќе ја оправдаме таа фаворитска улога и со победа да завршиме Лига на шампиони. Не треба да се опуштиме, досега немаме пораз и сѐ оди добро, да не ја разочараме публиката на крајот од годинава”, вели капитенот Стојанче Стоилов.

Натпреварот со Кристијанштад е закажан за 2 декември 2017 година во СЦ „Јане Сандански” со почеток во 17,30 часот.