„Вардарки“ како казнена експедиција, освоена и Норвешка

527

Актуелниот европски вицешампион ЖРК Вардар ја оствари и третата победа во Лигата на шампионите оваа сезона откако славеше кај Ларвик со 31:19.

Само во првите десетина минути норвешкиот тим беше рамноправен, па дури и подобар противник кога поведе со 5:2. Следуваше серија од 5:0 за водство од два гола разлика, Ларвик се држеше некако до 9:9, но со серија од 7:0 пред крајот на првото полувреме Вардар поведе со 16:9 и практично уште тогаш го реши прашањето околу победникот.

Вториот 30 минути беа само формалност и потврда на разликата во класа во корист на нашиот тим. Предноста одеше и до 13 разлика (30:17), а најмногу што успеа да се доближи Ларвик беше седум гола (16:23).

Сара Ристовска и Андреа Пенезиќ беа најефикасни со по шест гола, Лекиќ додаде пет, но Ина Суслина беше над сите со 17 одбрани. Кај Ларвик отскокна само Кристенсен која постигна четири гола.