Вардарки за настапот на Ф4 во Будимпешта ќе се подготвуваат во Регионалната лига

429

Ракометарките на ЖРК Вардар во следните два дена ќе бидат домаќини на последниот турнир во Регионалната ВРХЛ лига. Тие мечеви треба да бидат и подготовка за уште поважните мечеви кои ги очекуваат „Црвено-црните“ дами во Будимпешта каде целта е да се дојде до титулата. По тој повод на денешната прес-конференција Нацева, Дибирова и Човиќ изнесоа свое мислење за она што ги очекува како учесници и домаќини на овој турнир следните два дена во спортскиот центар “Јане Сандански“.

„Во името на нашиот клуб сакам да го изразам задоволството што сме домаќини на овој Ф4 турнир во ВРХЛ лигата. Да им посакам добредојде на сите екипи, да се чувствуваат пријатно, и покрај добрите натпревари да уживаат во она што го нуди градот. Сместени се во хотелот што е склоп на нашиот спортски комплекс и ќе може да уживате во сите благодети“, вели Гордана Нацева, претседателот на ЖРК Вардар, па додава:

Имаме три европски прваци во различни периоди на постоењето на ЛШ, и две екипи се сега на Ф4 турирот во ЛШ. Тоа говори колку е силен Балканот во ракометот. Се надевам дека наредната година оваа лига ќе биде уште посилна. Нашите национални првенства се послаби, не само ние туку и кај другите. Нас овие натпревари ни користат и посебно во овој период пред настап на Ф4 во Будимпешта“.

Тренерот на Вардарки, Ирина Дибирова вели дека трофејот од Регионалната лига е важен, но дека фокусот е на пласман во финалето од Лигата на шампионите.

„Оваа регионална лига има свое високо ниво и Подравка има свој квалитет. Подравка секогаш беше силен тим, и досега двапати ги победивме во ВРХЛ. Ние сепак без оглед на тие победи одиме напред и сакаме да се пласираме во финалето на Ф4 и да победиме. Важен е и трофејот од оваа ВРХЛ лига и победата, но важно е и како подготовка за Ф4 во Будимпешта“.

„Драго ми е што се одржува овој Ф4 во Скопје, бидејќи немаме силни натпревари како подготовка за Будимпешта. Подравка е подмладена, но сметам дека сме подобри, нема да ги потцениме и очекувам победа“, изјави ракометарката на Вардар, Андреа Човиќ.