„Вардаризација“ на руската репрезентација: Самсоненко нов генерален менаџер, Кокшаров нов селектор!

9570

Руската ракометна федерација го назначи сопственикот на Вардар Сергеј Самсоненко за генерален менаџер на руската репрезентација, додека Едуард Кокшаров, актуелниот спортски директор во Вардар, ќе ја преземе функцијата на селектор.

Кокшаров доаѓа на местото на Димитри Торгованов, кој со машката репрезентација на Русија не успеа да се пласира на Еп 2018 година во Хрватска.

Кокшаров беше едногласно одбран за нов селектор на руската репрезентација, а во националниот тим на оваа земја ќе биде вклучен и газдата на Вардар, Сергеј Самсоненко. Причината за ова секако е успехот на Вардар во Лигата на шампионите и освојувањето на европската шампионска титула, па Руската ракометна федерација одлучи луѓето кои се меѓу најзаслужните за тој успех да бидат дел и од нивната репрезентација.

„Сергеј Самсоненко ќе биде генерален менаџер на машката репрезентација. Ќе работи за националниот тим и ќе разговара со мене и генералниот директор на федерацијата. Тој исто така ќе помага да ги најдеме најталентираните млади играчи и тие да бидат вклучени во националниот тим“, изјави претседателот на РРФ, Сергеј Шишкарев за руските медиуми.

Останува да се види дали новиот ангажман на Самсоненко ќе влијае на Вардар, со оглед на тоа дека рускиот милионер преку својата компанија „Бет Сити“ потпиша спонзорски договор со рускиот гигант ЦСКА Москва.