Борко: Фокусот е враќање во Бундес лигата, но има понуди и од Франција, Данска…

1412

Репрезентативниот чувар на мрежата на Македонија, Борко Ристовски кој ја одработува последната сезона од договорот со тимот на Барселона, веќе има бројни понуди за од идната година.

Во разговор за sportclub.mk, Борко потврди дека преговара со тимот на Фуксе Берлин, но потенцираше дека има уште неколку понуди од други држави. Ристовски сепак призна дека желба му е повторно да игра во Германија.

„Генерално, гласините за моето враќање во Германија се точни. Разговарам со повеќе клубови, преговорите течат. Имам доста понуди, меѓутоа се уште ја барам најповолната, како на спортски план, така и во финансискиот дел. Една од понудите е и онаа што се појави во јавноста од екипата на Фуксе Берлин. Понуди покрај од Германија има и од Франција и Данска, но фокусот е најдобрата лига, Бундес лигата“, ни изјави Борко.

Исто така, голманот на Барселона го запрашавме дали има некаква шанса повторно да се врати во Македонија, поточно во дресот на Вардар како замена за Арпад Штербик кој заминува, на што тој одговори.

„Јас уште од поодамна кажав дека не сум заинтересиран за враќање во Македонија и сакам својатата кариера да ја продолжам во Европа“, заврши Ристовски.

За потсетување, Борко во Германија веќе играше на два наврати, првин во Гумерзбах, а потоа и во Рајн Некер Ловен.