Битола го возвраќа ударот: Силна управа за уште посилен Пелистер!

2046

На првата седница на новиот Управен одбор на ракометниот клуб Пелистер, кој се одржа вечерва, за нов претседател е избран Васко Ковачевски, пратеник во Македонскиот парламент.

Порталот „Битола Њуз“ пренесува дека најверојатно во среда, ќе се одржи прес-конференција на која Ковачевски и неговиот тим кој ќе го води клубот, ќе ги соопштат плановите и амбициите на ракометниот клуб Пелистер.

Ова се одлични вести за сите навивачи на македонскиот ракометен гигант кој планира да го возобнови ракометниот центар кој некогаш важеше за најсилен во Македонија.

Во тимот на Ковачевски ќе бидат уште: Сашо Шамбевски – извршен директор, Борче Корлевски – технички директор и Сашо Јанкуловски – секретар на клубот.

Инаку, Ковачевски зад себе има големо искуство во спортскиот сектор, со оглед на тоа дека пред десетина години беше дел од управата на кошаркарскиот тим на Пелистер, а спортски директор на клубот ќе биде поранешниот ракометар на Пелистер, Златко Димитровски.

Ковачевски до неодамна беше пратеник во македонскиот парламент каде поднесе оставка поради назначувањето на директорската функција во РЕК Битола. Самиот факт што овој стопански гигант ќе биде дел од Пелистер е најава за подобри денови за Пелистер и враќање на старата слава на некогаш најголемиот македонски ракометен клуб. Се очекува Пелистер со новата управа и спонзор сериозно да ги помати сметките на Вардар и Металург во македонското првенство, кои доминираат во последните години.