Берат Јакупи на крајот сребрен на Европското првенство, Георгиева дојде до бронзата

619

Еден од најдобрите македонски каратисти во моментов, Берат Јакупи, не успеа да дојде до златниот медал на Европското првенство кое се одржува во Кочаели, Турција.

Македонскиот каратист со одлични борби се проби до финалето, но во борбата за златниот медал немаше сили за триумф над турскиот каратист Акташ Угур.

Финалето заврши со 0:0, а победникот и новиот европски шампион беше одлучен со судиска одлука, при што арбитрите одлучија домашниот каратист да се закити со златниот медал.

Јована Георгиева се надоврза на одличните настапи на македонските репрезентативци на ова ЕП, закитувајќи се со бронзениот медал во категоријата до 55 килограми. Во малото финале, Георгиева се бореше со француската каратистка Емили Туј, а дуелот заврши со конечни 1:1, но нашата каратистка го освои бронзениот медал бидејќи го освои првиот поен во овој меч.

Освен овие двајца, шанса за медал ќе има и Сара Радичевска која ќе се бори за бронзениот медал во категоријата до 50 килограми.

loading...