Балканска снаодливост: Србите ги спасија Хрватите и ги внесоа на мечот со Грција во Атина

1677

Хрватските навивачи кои пристигнале во Атина на реван дуелот од баражот за пласман на Светското првенство на различни начини се снаоѓаа за да дојдат до влезници.

ФИФА и УЕФА одлучија за двомечот помеѓу Хрватска и Грција да нема гостински навивачи ни во Загреб, ни во Атина. Но, оние најупорните кои на време да се организирале, успеале да дојдат до влезници. Во Пиреа, на стадионот „Караискакис“, се случи навистина голема реткост која уште еднаш ја покажува балканската снаодливост – голем број Хрвати кои влегле на стадионот, успеале да го направат тоа на српски имиња.

Имено, со оглед на тоа дека Грците не смееја да продаваат влезници на Хрвати, тие повлекле неколку врски со Грци и Срби, па влезниците им биле оставани на имиња на луѓе кои живеат во Србија, а со оглед на тоа дека редарите и не биле баш педантни, Хрватите со тие влезници успеале да влезат на трибините. Така во Грција се случи навистина редок случај, Србите, кои се „збратимени“ со Грците, да ги внесат своите „архинепријатели“ на стадионот за да можат да навиваат за Хрватска. Некои од хрватските навивачи дури имале и вишок влезници, па им ги понудиле на Албанците, келнери кои ги сретнале низ рестораните и баровите во Атина…

За апсурдот да биде поголем, на крајот целата операција пропаднала во моментот кога еден од „подобро расположените“ хрватски навивачи запрашал еден грчки полицаец каде е секторот за кој имаат влезници, а Грците веднаш сфатиле дека станува збор за хрватски навивачи и им забраниле влез на стадионот.