Адеми: Кога влегов на терен се растрчав како некој да ме пушти од ланец

774

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми по враќањето на зелените терени по 2 години пауза поради допинг, за само пет минути успеа да се запише во листата на стрелци во победата над Лихтенштајн од 4-0.

Адеми по враќањето во својот клуб Динамо Загреб беше доста интересен за тамошните медиуми за кои истакна дека е презадоволен од она што му се случило во Македонија.

„Во Македонија изминатите денови баш сите ме пречекаа одлично, од  селекторот, луѓето од федерацијата, па до фудбалерите и навивачите. Искрено, не очекував дека тоа така ќе се случи на првиот меч, па за само пет минути постигнав гол. Чудо едно. Во кариерата не сум постигнал многу голови  посебно не такви.  Сакам да играм, баш многу. Штом влегов на теренот се растрчав на сите страни, како да ме пуштил некој од ланци. Можеби малку се изгубив во почетокот, но потоа се опуштив и се беше онака како што треба. Одиграв 30 минути, воопшто не се заморив. Но, дури сега ќе треба да видиме како ќе биде понатаму.“ изјави Адеми.

Нашиот репрезентативец исто така беше прашан околу тоа што може да му помогне или порача на капитенот на „коцкестите“, Дарио Срна кој се наоѓа речиси во иста ситуација сега.

„Не сум многу запознаен со случајот на Срна, но знам сигурно дека му е тешко. Јас можам само да му порачам дека сакам што побргу да ја докаже својата невиност бидејќи сите знаеме каков човек и професионалец е и колку даде за хрватскиот спорт. Чест ми е што имав прилика да играм со него. Му посакувам тоа да не му се одложи како на мене и што побргу тоа да го реши“, изјави Адеми.