АБА потврди: Познати се учесниците за следната сезона, Македонија само со еден претставник

585

Со победата на Црвена Звезда во српската Суперлига, конечно заврши кошаркарската сезона во сите земји на територијата на некогашна СФР Југославија, а како последица на тоа е официјализирана листата на учесници во АБА лигата за следната сезона.

Од канцеларијата на ова натпреварување ја известија јавноста дека е позната листата на исте клубови кои во сезоната 2017/18 ќе се борат за титулата најдобар во регионот. Наместо досегашните 14 екипи, за прстенот ќе се натпреваруваат 12. Од лигата испадна Крка, а со одлуката на раководството, дел од АБА повеќе не е ниту вториот македонски претставник од минатата сезона, Карпош Соколи од Скопје.

Најбројна ќе биде српската експедиција која ќе има четири клуба на „Јадранот“, а тоа се Црвена Звезда, ФМП, Партизан и Мега Лекс. Веднаш зад Србија е Хрватска со три клуба и тоа Цедевита, Цибона и Задар. Црна Гора ќе има двајца претставници во Будуќност и Морнар, Олимпија ќе ја брани честа на Словенија, Игокеа ќе ја претставува Босна и Херцеговина, додека МЗТ Скопје и понатаму останува дел од јадранското семејство.

Титулата ја брани трикратниот последователен шампион Црвена Звезда, а датумот на почетокот и комплетниот распоред на натпреварувањето ќе биде дополнително одреден.